Faruk Zorlu
28 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
КАРАКАС (АА) - Венецуелскиот претседател ја повика војската да остане во единство и дисциплина против, како што рече, империјалистичкиот обид за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Безбедносните сили станаа сè полојални на Венецуела и нејзиниот Устав, и покрај неколкуте обиди за поделба на војската“, истакна Николас Мадуро пред војниците за време на неговата посета на 41. Оклопна бригада во државата Карабобо.
„Венецуела се подготвува за најважната воена мобилизација во историјата на земјата“, рече тој.
Мадуро нагласи дека земјата ќе ги чува спремни сите вооружени системи, воена сила, оперативна способност и воено-цивилното единство, додавајќи дека „никој не може да го допре нашето свето небо“.
Венецуела од 10 јануари е зафатена од протести, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат по бојкотот на гласањето од страна на опозицијата.
Во средата Хуан Гваидо, лидерот на венецуелското Национално собрание, кое е предводено од опозицијата, се самопрогласи за претседател на Венецуела.
Американскиот претседател Доналд Трамп го призна Гваидо како претседател на земјата.
Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај го следеа неговиот пример, додека Боливија и Мексико го признаваат Мадуро за единствен претседател на Венецуела.
Русија и Кина се спротивставија на повикот на САД за поддршка на Гваидо и осудија какво било меѓународно мешање во работите на Венецуела. Турција и Иран, исто така, го поддржаа Мадуро.