Yusuf Özcan
11 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, на одбележувањето на 100. годишнина од завршувањето на Првата светска војна изјави дека новите идеологии настојуваат да манипулираат со религиите, јавува Anadolu Agency (AA).
На одбележувањето на 100. годишнина од завршувањето на Првата светска војна, присуствуваа повеќе од 70 високи официјални претставници, меѓу кои турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателот на Русија, Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и многу други. Домаќини се Франција и претседателот на оваа земја, Емануел Макрон.
Лидерите по приемот во Елисејската палата преминаа на простор каде што е одржана официјална програма.
Макрон во оваа пригода потсети дека за време на војната во Европа се убиени околу 10 милиони лица, а 6 милиони се ранети.
Тој додаде дека Франција заговарала право и слобода.
Сепак, изрази загриженост дека „старите ѓаволи“ би можеле пак да се појават.
„Новите идеологии манипулираат со религиите. Историјата се заканува на продолжување на трагичниот тек“, предупреди Макрон.
По неговиот говор, изведено е делото на францускиот уметник Жосеф Морис Равел, кој почина во 1937 година.
Макрон потоа се врати во Елисејската палата каде што за официјалните претставници е организиран ручек.
Членките на активистичката група „Фемен“ го попречија патот на конвојот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој дојде одвоено од другите официјални претставници.
Во Париз се зајакнати безбедносните мерки поради одбележувањето на 100. годишнина и Мировниот форум кој ќе започне во попладневните часови.
Во главниот град на Франција е запрен сообраќајот во неколку улици, а дојде и до измени во редот на возењата во метрото.
На Форумот ќе присуствуваат лидерите кои присуствуваа и на одбележувањето на годишнината, но не се очекува доаѓање на Трамп.