Ekip
29 Февруари 2016•Ажурирај: 01 Март 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Утрово околу 5.000 бегалци кои од грчка страна сакаа насилно да ја поминат македонската јужна граница, со солзавец се спречени од страна на македонската полиција по што се вратени назад кон Грција, јавува Аnadolu Agency (AA).
Ова за АА го потврдија од Секторот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека при спречување на бегалците насилно да ја преминат македонката јужна граница повреден е еден македонски полицаец.
Незадоволните бегалци, главно од Ирак и Сирија, фрлајќи камења на македонската полиција бараа отворање на границата, по што македонската полиција одговори со фрлање на солзавец.
Бројот на бегалци „заглавени” на грчко-македонската граница во Идомени достигна 6.500, откако некои земји од таканаречената балканска рута објавија ограничување на влезот, реагирајќи на претходниот потег на Австрија. Грчката полиција соопшти дека 500 од нив се преместени во штотуку подигнатиот камп оддалечен на околу 20 километри од границата.
По расчистувањето на ситуацијата состојбата засега е мирна, но сепак проблем претставува големиот број на бегалци коишто засега се наоѓаат во Идомени.
Вчера издадени се потврди на вкупно 92 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, од кои 40 деца кои ги придружуваат носителите на потврдата. Од тие потврди 79 се издадени на државјани на Сирија a 13 на државјани на Ирак, нема издадено потврди на државјани на Авганистан.
Од почетокот на оваа година до 28-ми февруари до Секторот за азил барање за признавање на право на азил поднело 21 лице (14 од Сирија и 7 од Авганистан).
Откако Австрија соопшти дека на ден ќе прима 3.200 бегалци, Хрватска и Словенија соопштија дека дневно ќе примаат само 500 бегалци, во Македонија можен е влез на само 300 бегалци дневно, сето тоа доведе до нагло зголемување на бројот на бегалците во Грција, каде што моментално има над 22.000.