Ivana Ramadanova
14 Април 2016•Ажурирај: 15 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) на денешната прес конференција најави нова истрага која се однесува на превозот на ученици во Општина Битола, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и покрај сите случувања во изминативе два дена, Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи да работи и изрази "цврста увереност дека правдата ќе победи."
Новиот предмет го презентира обвинителката Фатиме Фетаи која истакна дека во влучај насловен „Транспортер“ е инволвиран и градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески, додавајќи дека предметот е преземен од Основното јавно обвинителство - Битола.
"Имено, по воспоставување на надлежноста од страна на ова обвинителство, а врз основа на прислушкуваните разговори, за кои сигурно се сеќавате дека двајца министри, од кои едниот е сеуште министер за Финансии посочуваа коруптивни активности на Градоначалникот на општина Битола, ова обвинителство презеде повеќе истражни дејствија во насока на испитување на ваквите наводи. Ќе видите дека во овој случај Министерот за финансии не погрешил во својата проценка", рече Фетаи, која дел од презентацијата ја соопшти на турски јазик.
Специјалната обвинителка Ленче Ристовска потенцираше дека СЈО не му дало податоци на претседателот Иванов во однос на лицата за кои се водат постапки. И ним им е нејасно како податоците завршиле кај претседателот затоа што многумина од лицата за кои се однесува аболицијата никогаш не биле јавно споменати.
"Во оваа прилика во име на јавните обвинители од ова Јавно обвинителство ве известувам дека јавните обвинители не ги прифаќаат аболициите на Претседателот и дека со ваквото делување на Претседателот се штети на угледот на јавните обвинители од ова Јавно обвинителство", рече Ристовска.
На денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство присуствуваат повеќе странски дипломатски претставници во земјава, меѓу кои и амбасадорите на Германија, Велика Британија и на Италија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет и Ернесто Белели.