Admir Fazlagic
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Основното јавно обвинителство – Скопје (ОЈО), по прибирање на релевантен доказен материјал, за петнаесеттемина инволвирани во нередите кај Собранието на Република Македонија првично започна постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 од Кривичниот законик, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во моментов, седум од лицата се лишени од слобода. Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, за четиринаесет од осомничените предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост", се вели во соопштението од ОЈО објавено на нивната веб-страница.
Се додава дека истрагата на обвинителството продолжува во насока на целосно расветлување на кривично – правниот настан.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија вчера соопшти дека до Основното јавно обвинителство- Скопје поднесе кривична пријава против 15 лица поради нивна инволвираност во насилните настани кои се случија во четвртоток во и околу Собранието на Република Македонија, од кои петмина беа приведени.
Потсетуваме, во четврток, на 27. април, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието. Во настаните се повредени околу 100 луѓе, меѓу кои имаше пратеници, полиција и припадници на медиумите.