Elvir Hociç
04 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
ПАРИЗ (АА) - Со зајакнати безбедносни мерки француската полиција утринава започна со отстранување на уште два илегални мигрантски кампови во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Во раните утрински часови започна преместувањето на околу 550 мигранти од кампот кај каналот Сен Мартин во северниот дел на Париз, а во истиот период започна и евакуацијата на околу 450 мигранти од сличниот камп кај Порте де ла Шапел.
Ова е 36. евакуација на мигрантите во Париз во изминатите три години, а кон крајот на мај е отстранет и парискиот камп „Millenaire“ во кој кај каналот Сен Дени со месеци престојуваа повеќе од 1.000 мигранти.
Полициски официјални лица изјавија дека мигрантите од отстранетите кампови ќе бидат згрижени во привремени центри и училишни сали во поширокото подрачје на Париз.
Евакуацијата на мигрантите се извршува во екот на повиците на невладините организации и Кабинетот на градоначалничката на Париз, кои од француската Влада бараат итна реакција и трајно решавање на мигрантската криза.
Лошите услови за живот на мигрантите во камповите и сè поприсутниот ризик од појава на заразни болести предизвикаа несогласувања меѓу Градската управа на Париз и француската Влада.