Ekipa
24 Август 2017•Ажурирај: 25 Август 2017
КИЕВ (АА) - Мирните и дипломатски патишта мораат да бидат приоритет за враќање на Крим и на градот Донбас кој е под контрола на проруските сепаратисти – порача украинскиот претседател Петро Порошенко во денешното обраќање на церемонијата за одбележување на 26-годишнината од независноста на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод обележувањето на 26-годишнината од независноста на Украина, во главниот град Киев се одржа церемонија со воена парада. На церемонијата присуствуваа и министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис, министерот за одбрана на Турција, Нуретин Џаникли, но и голем број други министри за одбрана од земјите-членки на НАТО.
Порошенко во своето обраќање нагласи дека неговата земја на 26 години од независноста успешно потпиша Договор за парнерство со ЕУ.
Тој изјави дека Русија го блокирала процесот на европската интеграција на неговата земја, и нагласи дека целта на Украина е членство во ЕУ и во НАТО.
Зборувајќи за Русија, Порошенко истакна дека за време на руските напади, во неговата земја загинале повеќе од 10.000 жители.
„Ова е срам за Кремљ. Никогаш тоа нема да го простиме, ниту да го заборавиме. Украина е подготвена во воена смисла да ѝ одговори на Русија. Но, за да ги вратиме назад Крим и Донбас, наш приоритет мораат да бидат мирни, дипломатски, политички и правни патишта“, порача украинскиот претседател.
Во воената парада учество зедоа 4.500 украински војници, а во рамките на церемонијата изложени се тенкови, топови, противракетни системи и оклопни возила.
Најмалку две лица се повредени денес во главниот град на Украина, во експлозија до која дојде во близина на квартот во Киев каде што во тек беше церемонијата за одбележување на Денот на независноста на Украина.
Од полицијата во Киев е издадено соопштение дека на улицата „Грушевска“ дошло до експлозија за која сѐ уште не е позната причина, а притоа се повредени маж и жена.