Merve Aydoğan
09 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Владеачката коалиција Фидес-КДНП (Христијанско-демократската народна партија), на унгарскиот премиер Виктор Орбан, победи на парламентарните избори одржани вчера во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Според прелиминарните резултати од 91 отсто од пребројаните гласачки ливчиња, национално-конзервативна политичка опција освои 48 отсто од гласовите.
Најсилната опозициска партија Јобик освои 19 отсто од гласовите, додека коалицијата на социјалистите - МСЗП и Дијалог за Унгарија (PM) доби поддршка од 12 отсто од гласачите.
Уште двете партии би требало да го преминат изборниот праг од пет отсто и да влезат во Парламентот на Унгарија, а тоа се Партијата на Зелените и Демократската коалиција.
Според прелиминарните резултати, коалицијата Фидес-КДНП би требало да добие 133 од вкупно 199 пратенички места во парламентот, опозициската Јобик 26, а коалицијата на социјалистите - МСЗП и Дијалог за Унгарија (PM) 20 парламентарци. Преостанатите две партии би требало да имаат девет, односно осум пратеници.
Според тоа, унгарскиот премиер Орбан и во третиот мандат ќе ја води владата на земјата.
Претседателот на опозициската партија Јобик, Габор Вона, доцна синоќа го призна изборниот пораз и најави дека денес ќе отстапи од место челник на таа политичка опција.