Adham Kako
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
АНКАРА (АА) - Припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој тврдеше дека ги уништил резервите на хемиско оружје во Сирија, продолжуваат да го користат споменатото оружје. Режимските сили од почетокот на војната во таа земја 215 пати користеле хемиско оружје.
Режимските сили неретко вршат напади со хемиско оружје со цел да ги принудат цивилите во подрачјата под контрола на опозицијата на миграции.
Нападот со хемиско оружје извршен синоќа врз Дума, која припаѓа на Источна Гута, е доказ дека режимот на Асад не се откажува од хемиското оружје.
Последниот напад на силите на режимот врз Дума и употребата на хемиско оружје потсетија на Источна Гута и нападот од 2013 година, односно минатогодишниот напад врз Хан Шејхун.
Режимските сили кон крајот на 2016 година ги користеа нападите со хемиско оружје со цел да ги принудат цивилите од Алепо на мигрирање.
- Масакрот во Источна Гута на 21 август 2013 година -
На 21 август 2013 година, режимот на Асад изврши напад со хемиско оружје врз Источна Гута. Тогаш настрадаа над 1.400 цивили, меѓу кои најголем дел жени и деца. Се очекуваше американска интервенција во Сирија. Сепак, Русија, со предложување уништување на залихите на хемиското оружје го спречи тоа. Се вклучи и Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW), по што започна процесот на уништување на оружјето. Организацијата соопшти дека процесот е завршен на 19 август 2014 година.
Меѓутоа, новите напади на режимот покажуваат дека не се уништени сите залихи на оружје и дека е сочуван дел.
- Нападот на Хан Шејхун на 4 април 2017 -
Во нападот со хемиско оружје изведен на 4 април 2017 година врз Хан Шејхун загинаа најмалку 100 цивили.
Нападот беше изведен во раните утрински часови, додека повеќето жители на Хан Шајхун спиеја. Припадниците на набљудувачката точка на опозицијата истакнаа дека авионите полетале од базата „Шајрат“, која му припаѓа на режимот. Меѓутоа, тие сметаа дека станува збор за вообичаен воздушен напад. Откако не избувнал пожар на местото каде што падна бомбата, како и тоа што немаше крв на жртвите од нападот, востановено е дека станува збор за напад со хемиски гас.
- Нападот со хемиско оружје на 7 април 2018 година врз Источна Гута -
Во нападот извршен вчера од страна на припадниците на режимот врз Дума, која припаѓа на Источна Гута, загинаа 78 цивили.
Во Дума, која е последното подрачје во Источна Гута под контрола на опозицијата, живеат околу 100.000 луѓе.
Во извештајот објавен на 4 април од страна на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) се наведува дека во последните година дена пред вчерашниот напад се изведени 11 напади. Мрежата истакнува дека од почетокот на војната во Сирија се изведени вкупно 215 напади со хемиско оружје врз подрачја во таа земја, вклучувајќи го и вчерашниот.
Најмногу напади, 45, изведени се врз Идлиб, во Хама изведени се 29, во Алепо 27, во Хомс 7, Дера четири и во Деир ез-Зор три напади со хемиско оружје.
Вклучувајќи го и вчерашниот, припадниците на режимот на Асад, со хемиско оружје го нападнаа Дамаск и неговата околина 100 пати.