Ivana Ramadanova
20 Април 2018•Ажурирај: 21 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев, денеска го посети Фондот за иновации и технолошки развој, каде што заедно со директорот на оваа институција, Јован Деспотовски, се сретна со учениците иноватори и нивните ментори кои ќе ја претставуваат Македонија на натпреварување во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот истакна дека му е особена чест што остварил средба со учениците и разговарал за нивната иновација и пронајдок - робот кој извршува задача во областа на хидродинамиката.
„Со својата иновација, нашите ученици од Кочани ќе се претстават на Светското првенство во Детроит (САД), организирано од Асоцијацијата за препознавање на науката и технологијата и компанијата Лего“, рече Заев.

Тој истакна дека Република Македонија може слободно да се гордее и да очекува светла иднина со вакви млади луѓе, кои се доказ дека може да дизајнираат и создаваат големи дела.
„Овој тим од вредни, креативни и посветени ученици ќе ја претстави и промовира Република Македонија на светската мапа на млади иноватори, и затоа ја заслужува сета наша поддршка. Владата, институциите, но и сите граѓани, треба да ги поддржиме младите умови на Македонија и да им честитаме за тоа“, истакна Заев.
Ученикот Борјан Илиевски од Кочани појасни дека преку натпреварот на кој тие учествувале постигнале успех со кој се пласирале на Светското првенство во Детроит.
„Користевме робот кој е составен од Лего коцки, кој содржи четири мотори и три сензори. Овој робот е во облик на коцка со цел подобрување на прецизноста и константноста на роботот“, истакна Борјан.