Hakan Ceyhan Aydoğan
23 Декември 2016•Ажурирај: 24 Декември 2016
МОСКВА (AA) – Сметам дека убиството на нашиот амбасадор во Анкара е обид за атентат на Русија и на руско-турските односи, изјави претседателот Владимир Путин денеска во Москва, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин говореше на редовната годишна конференција за новинарите во главниот град на Русија, а во таа пригода се осврна на односите со Турција, како и на убиството на амбасадорот на Русија, Андреј Карлов во Анкара, на почетокот на оваа недела.
Во врска со случајот на соборување на авионот кон крајот на минатата година, Путин рече дека со доза на сомнеж гледал на тезата дека тој авион го соборил некој што сака да ги наруши односите на двете земји.
„Но, откако нашиот амбасадор го уби припадник на полицијата, почнав да го менувам својот став. Инфилтрирањето во правосудството и во безбедносните сили во Турција е една сериозна тема. Не сакам никого да обвинувам, гледаме што се случува. Тоа нема да биде пречка во турско-руските односи. Ние сме свесни за значењето на нашите односи и ќе работиме на нивниот развој“, рече Путин.
Тој нагласи дека откако ги нормализирале меѓусебните односи, неговата земја и Турција во последната година започнале да бараат заеднички пат, како и дека се надева оти тоа ќе биде продолжено и во иднина.
„Сметам дека убиството на нашиот амбасадор во Анкара е обид за атентат на Русија и на руско-турските односи“, истакна Путин.
На прашањето во врска со евакуацијата на цивилите од источен Алепо, Путин изјави дека во врска со тоа прашање не би бил остварен резултат без учеството на Иран, Турција, но секако и на неговата земја.
„Од Алепо се евакуирани повеќе од 100.000 лица. Тоа е најголемата хуманитарна активност на модерниот свет“, изјави Путин.
Путин нагласи дека во таа смисла е потребен тој трилатерален формат и дека на него ќе се работи и во наредниот период. Тој додаде дека во таа смисла се подготвени да соработуваат со САД, но и со другите земји од регионот.
„По Алепо, наредниот чекор би требало да биде отпочнување на преговори за да се најде политичкото решение за примирје што ќе ја опфати цела Сирија. Постои можност преговорите да се организираат во Астана. За тој состанок се подготвени Турција, Иран, Асад, а Назарбајев е подготвен во смисла на подготовка на атмосферата за преговори“, порача рускиот претседател.