Ekipa
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
БУКУРЕШТ (AA) – Романската Влада ги проследи до Парламентот на оваа земја нацрт-законот за амнестија и нацртот кој предвидува измени во казнениот закон, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за правда, Флорин Јордаке, на конференцијата за новинари изјави дека се одобрени двата нацрт-закона и тие се проследени до романскиот Парламент.
Нацрт-законот за амнестија предвидува да бидат пуштени на слобода сите затвореници на кои им останале помалку од пет години неотслужена казна.
По конференцијата за новинари на министерот Јордаке, пред зградата на Владата почнаа да се собираат демонстранти.
Претседателот на Романија, Клаус Јоханис, преку социјалните мрежи ја искритикува владината одлука.
„Денес е ден на жалост за владеењето на правото. Денес уставната држава претрпе голем удар во борбата против корупцијата. Владата го занемари народот, кој сака да живее во земја без корпуција. Владата исто така занемари десетина илјади храбри и чесни вработени во судството, како и милиони луѓе кои се обидуваат од Романија да направат една угледна европска земја. Од денес, мојата задача е повторно да го воспоставам владеењето на правото. Сѐ ќе направам за Романија повторно да биде исчистена од корупција. До последниот ден од својот мандат ќе се борам против тоа“, е пораката на романскиот претседател.
Илјадници жители на Романија се собраа на протести минатиот викенд бранејќи го ставот дека амнестијата и измените во казнениот законик ќе имаат негативно дејство во борбата против корупцијата во оваа земја. Демонстрантите на протестот во Букурешт ги поддржа и претседателот Јоханис.