?kipa
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
МОСКВА (АА) - Руските граѓани одржуваат протестни собири низ цела Русија поради планот на властите да ја зголемат старосната граница за стекнување на правото за добивање државна пензија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неколку илјади луѓе денес се собраа во центарот на Москва на протест организиран од Комунистичката партија. Забележани се демонстрации и во Владивосток, Барнаул и Новосибирск.
Планот на руските власти да ја зголемат старосната граница за заминување во пензија и за мажите и за жените, предизвика големо незадоволство на граѓаните и влијаеше на рејтингот на Путин, кој падна на најниско ниво од анексијата на Крим во 2014 година. Новиот Предлог-закон го помина првото читање во Парламентот, но допрва треба да биде одобрен.
Во телевизиското обраќање минатата недела, Путин истакна дека без зголемување на старосната граница, рускиот пензиски систем „ќе се скрши и на крај ќе доживее колапс“.
Тој понуди отстапување, нагласувајќи дека старосната граница за пензионирање на жените треба да се зголеми од 55 на 60 години, а не на 63, како што беше претходно планирано. Меѓутоа, не понуди никакви отстапки кога станува збор за заминувањето во пензија на мажите, чија старосна граница, според новиот закон ќе се зголеми од 60 на 65 години.