Hakan Çopur
25 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Доналд Трамп, кој на 20 јануари официјално ќе започне со извршување на функцијата претседател на САД, донесе одлука да ја затвори својата хуманитарна организација „Фондација Трамп“, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп во саботата истакна дека оваа одлука ја донел за да се избегне судирот на интереси, додека е на позицијата претседател на САД.
Освен тоа најави оддалечување од трговските односи, со цел тоа да нема да влијае врз извршувањето на должноста претседател.
Главниот обвинител на Њујорк, Ерик Шнајдермен, претходно започна истрага против фондацијата, поради којашто претходно беше стопирано собирањето на средства во сојузната држава Њујорк.
Трамп преку социјалната мрежа Твитер ја спомена и резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), со која се бара од Израел да ја запре изградбата и проширувањето во окупираните палестински територии.
„Голема загуба за Израел во ОН, уште повеќе ќе се отежнат мировните преговори. Тоа е лошо, но може да се најде начин и да се успее“, напиша Трамп.
Во петокот, Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара од Израел да ја запре изградбата и ширењето во окупираните палестински територии. Резолуцијата, предложена од страна на Малезија, Нов Зеланд, Сенегал и Венецуела, беше усвоена со 14 гласа за, додека САД беа воздржани.
Трамп по усвојувањето на резолуцијата ја поддржа израелската администрација.
Покрај тоа, Џејсон Милер, директорот за комуникации на преодната претседателска екипа на Доналд Трамп и кандидатот за позицијата директор за комуникации во Белата куќа, изјави дека нема да ја прифати функцијата.
Милер оваа функција ја одби поради семејни причини, додавајќи дека за два месеци ќе добие дете и оти сака повеќе време да одвои за семејството.
Тој истакна дека верува оти Шон Спајсер функцијата директор за комуникации ќе ја извршува успешно, а Милер и понатаму ќе му дава поддршка на Трамп.