Michael Hernandez
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) денес ја соопштија одлуката за затворање на дипломатската мисија на Палестинската Ослободителна организација (ПЛО) во Вашингтон, бидејќи администрацијата на Доналд Трамп се подготвува да го претстави својот мировен план за Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
Стејт департментот ја објави одлуката истакнувајќи дека „канцеларијата на ПЛО во Вашингтон се затвора во овој момент“. Канцеларијата служеше како амбасада на Палестина во Вашингтон.
Стејт департментот соопшти дека „ПЛО не презела чекори за унапредување на почетокот на директни и значајни преговори со Израел“, и укажа на палестинските повици до Меѓународниот кривичен суд да го истражат Израел како причина за одлуката.
„Дозволивме канцеларијата на ПЛО да спроведе операции за постигнување траен и сеопфатен мир меѓу Израелците и Палестинците по истекот на претходното откажување во ноември 2017 година“, истакна портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт.
„Сепак, ПЛО не презеде чекори за унапредување на почетокот на директни и значајни преговори со Израел. Напротив, раководството на ПЛО го осуди американскиот мировен план што сè уште не го виделе и одби да соработува со американската влада во однос на напорите за мировни напори“, додаде таа.
Друга портпаролка на Стејт Департментот подоцна соопшти дека на мисијата ѝ било одредено да ги напушти просториите на канцеларијата до 10 октомври.
Марк Пери, поранешен советник на починатиот претседател на ПЛО, Јасер Арафат, ја критикуваше одлуката на Вашингтон, велејќи дека „САД отсекогаш биле адвокат на Израел“.
„Иронично, одлуката е всушност добра вест бидејќи завршува преправањето дека САД всушност се грижат за мирот на Блискиот Исток", изјави Пери за АА.
„САД сега се во совршена усогласеност со израелскиот национален проект. Израел ниту сега, ниту пак некогаш верувал во мировен процес, ниту пак барал помирување со Палестинците“, рече тој. „Напротив, неговата цел е уништување на палестинскиот национален проект. Она што е сменето денес е тоа што сега САД се приклучија кон тие напори“.
Палестинските претставници и натаму одбиваат каква било улога на САД во мировните преговори со Израел откако Трамп еднострано го прогласи Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел минатата година, поткопувајќи ги долготрајните темели на мировните преговори. Одлуката предизвика осуда од целиот свет.
Пред официјалното објавување на затворањето на мисијата, палестинските официјални претставници го окарактеризираа потегот како „ескалација што ќе има сериозни политички последици со саботирање на целиот меѓународен систем со цел да се заштити израелската окупација и нејзините злосторства“.
„Ова е уште еден удар од администрацијата на Трамп против мирот и правдата“, рече генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат.