Michael Hernandez
11 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Најмалку 30.000 жители се раселени од северозападната сириска покраина Идлиб, како резултат на нападите на сирискиот режим и руските сили во подрачјето, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дујариќ, за новинарите во седиштето на ОН во Њујорк изјави дека најголемиот дел од раселените помеѓу 1 и 9 септември избегале кон северен Идлиб, во близина на турската граница, поради интензивирањето на воздушната и копнената офанзива на силите на режимот и руските сили.
Дујариќ истакна дека речиси половина од раселените престојуваат во кампови.
„Ние сме загрижени за ситуацијата со 3 милиони цивили во Идлиб, каде што интензивирањето на борбите предизвика жртви, повредени и раселени лица, како и уништување на цивилната инфраструктура“, нагласи Дујариќ.
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денес ќе разговара за развојот на ситуацијата во Идлиб, за што беше разговарано и на самитот помеѓу претседателите на Турција, Русија и Иран во Техеран во петокот, на кој се потенцираше дека не може да има воено решение за сирискиот конфликт и беше повикано на забрзување на политичкиот процес за постигнување решение.
Сирискиот режим неодамна објави план за започнување голема воена офанзива во подрачјето на Идлиб, кое долго време е под контрола на различни вооружени опозициски групи.
ОН минатата недела предупредија дека таквата офанзива ќе ја предизвика најголемата хуманитарна катастрофа во 21 век.