Admir Fazlagic
08 Февруари 2016•Ажурирај: 08 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - АРМ почна со поставување втор ред мрежа и бодликава жица долж македонско-грчката гранична линија, кај котата 59. Планирано е оваа двојна ограда да ја има долж целата јужна граница. Дополнителната заштитна мерка се применува поради фактот дека мигрантите ги користат дивите премини за да влезат на територијата на Република Македонија, од каде продолжувааат кон западно-европските земји, јавува Anadolu Agency (AA).
"АРМ започна со поставување на втор ред мрежа на оградата. Се поставуваат и столбови на местата. Намерата за постапување на дополнителната ограда е исто како и претходната, односно спречување на нелегални преминувања и упатување на бегалците кон точното место за нивна регистрација" , потврдија за АА од Одделот за односи со јавноста при АРМ.
Информациите од АРМ и МВР говорат дека околу 20.000 нелегални преминувања се спречени од крајот на месец ноевмври, кога се постави првата жичана ограда, а само во јануари годинава спречени се повеќе од 4.000 илегални минувања на мигранти на кои им е забранет транзитот.
Според правилата на ЕУ, со примена на селективниот пристап на овозможување на премин на македонската граница, од 19 ноември минатата година, се пропуштаат само бегалците од воените жаришта во Авганиистан, Сирија и Ирак, но не и економските мигранти од другите Азиски и Африкански земји.
МВР информира дека во периодот од 00,00 до 24,00 часот на 06.02.2016 година, издадени се потврди на вкупно 1.782 странски државјани на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.