Umur Koçak Semiz
29 Мај 2017•Ажурирај: 29 Мај 2017
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја утрово изврши ново тестирање на балистички проектил од типот „scud“ („скад“), јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на јужнокорејската војска соопшти дека во 5:39 часот по локално време, од источниот дел на регионот Вонсан е лансиран проектил со краток дострел од типот „scud“, и дека откако овој проектил прелетал 450 километри, паднал на отворени води во Јапонија.
„Нашата војска внимателно ги следи случувањата и е подготвена за секакви можни провокации на Северна Кореја“, се наведува во соопштението.
Портпаролот на Владата на Јапонија, Јошихиде Суга, истакна дека проектилот паднал во морето, помеѓу островите Садо и Оки.
Ова тестирање на балистички проектил на Северна Кореја е трето тестирање во последните три недели, а деветто тестирање од почетокот на годината. Северна Кореја на 21 мај го лансира балистичкиот проектил со среден дострел од типот Пукгусонг-2.
Обединетите нации (ОН) донесоа забрана за администрацијата на Пјонгјанг, која поседува програма за развивање на нуклеарно оружје, да развива и да користи технологија за балистички проектили. И покрај оваа забрана и спроведените санкции, администрацијата на Пјонгјанг продолжува со тестирање на проектили. Се смета дека Северна Кореја располага со голем број проектили со краток дострел од типот „scud“, кои останале од периодот на Советскиот Сојуз.