?????
06 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
СЕУЛ (АА) - Севернокорејската новинска агенција KCNA соопшти дека војската на Северна Кореја по наредба на претседателот на земјата Ким Јонг, успешно тестирала хидрогенска бомба, што наиде на бурни критики од Јужна Кореја, САД и остатокот од меѓународната заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Провладини медиуми од Пјонгјанг јавија дека тестирањето на разорната хидрогенска бомба е изведено во 10 часот по локално време и тоа само неколку недели откако севернокорејскиот лидер Ким изјави дека неговата земја го развила тој вид оружје.
Станува збор за бомба која предизвикува и фисиска и фузиска реакција, така што има многу поголема разорувачка моќ од класичната атомска бомба.
Кабинетот на претседателката на Јужна Кореја го осуди утринското тестирање на хидрогенската бомба на северниот сосед и го оцени тој чин за "јасно кршење" на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Заменик шефот за национална безбедност на Јужна Кореја Чо Тае Јонг, порача дека Сеул ќе соработува со меѓународната заедница со цел адекватно казнување на Пјонг Јанг за четвртото по ред тестирање на забрането оружје за масовно уништување.
Северна Кореја веќе е под санкции поради трите претходни тестирања, од кои последното беше пред три години.
Белата куќа порача дека внимателно ги следи вестите од Пјонг Јанг. Во реакцијата се наведува дека сè уште не се потврдени објавите на севернокорејските медиуми, но дека САД во секој случај го осудува секое кршење на резолуциите на Советот за безбедност.
Меѓународните опсерватории од регионот утринава регистрирале појава која може да се опише како благ земјотрес во севернокорејската провинција Пунџи-ри, а всушност тоа е подрачје на воената база за тестирање на оружје. Американската геолошка опсерваторија тврди дека се случило затреперување на тлото со јачина од 5,1 степени според Рихтер.
И надлежните кинески станици регистрирале земјотрес, но според тврдењата на јужнокорејските разузнавачки служби, Пјонг Јанг не го информирал Пекинг за тестирањето на хидрогенските бомби, иако Кина важи за сојузник на Северна Кореја.
Заменик директорот на Human Right Watch за Азија, Фил Робертсон, тврди дека севернокорејскиот лидер со овој чин само два дена пред неговиот роденден се обидува да го привлече вниманието на светската јавност, но дека меѓународната заедница не би смеела да заборави дека тој бескрупулозен диктаторски систем изграден со брутално и систематско измачување на жителите на Северна Кореја.
"Единствен соодветен роденденски поклон на 8-ми јануари за диктаторот Ким би било патување во Хаг, каде на Меѓународниот кривичен суд би му се судело за злосторства против човештвото", порача Робертсон.