Admir Fazlagic
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија денес ја продолжува седницата која започна вчера, а на која дневниот ред е изборот на Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Според најавите, по завршувањето на конститутивната седница Собранието треба да ја одржи третата седница за избор на работни тела, а напладне да продолжи втората седница за избор на нова влада.
Предлог одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија, е поднесена од пратениците Горан Мисовски, Ејуп Аљими и Илија Димовски.
Седницата за избор на нова влада, што почна вчера, треба да заврши најдоцна до полноќ, кога треба да се гласа за предложеното решение од мандатарот Зоран Заев со најмалку 61 глас.
Во новата влада, според предлогот-составот што го достави мандатарот Заев, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.
Мандатарот Зоран Заев во своето обраќање до пратениците во Собранието вчера, порача дека ќе води реформска влада, а трите главни основи ќе бидат посветеноста на економијата и животот на сите граѓани, силни професионални институции и правда за сите, како и полноправно членство на земјата во Европската Унија и во НАТО.
Заев најави просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата до 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.
Во предлогот на новата владина програма, поднесен до Собранието, се вели дека парламентарното мнозинство е силно посветено на зајакнување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста во Македонија и ја изразува својата силна политичка волја за формирање реформска влада којашто ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на земјата, членството во НАТО и во Европската Унија и ќе обезбеди брзо и стабилно надминување на кризата преку обезбедување реална поделба на власта, владеење на правото и градење силни и професионални институции.