Admir Fazlagic
30 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Македонија денес започна втората седница, на којашто единствената точка на дневниот ред е изборот на Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Во неделата навечер, мандатарот Зоран Заев ги достави до Собранието Предлог-програмата и Предлог-составот на новата Влада.
Според Деловникот за работа на Собранието, Заев ќе има обраќање пред пратениците, по што ќе следува претресот. Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата, односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана, потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.
Во новата Влада, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеника во 120-членото Собрание.
Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски за внатрешни работи, Драган Тевдовски за финансии, Никола Димитров за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за образование и наука, Горан Сугаревски за транспорт и врски, Љупчо Николовски за земјоделство, Мила Царовска за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Предложените министри од ДУИ се Хазби Лика - вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи - вицепремиер за евроинтеграции и Рамиз Мерко - министер без ресор. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.
За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, а за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците.
Откако претседателот на СДСМ го доби мандатот за состав на новата Влада, ги започна средбите со политичките партии коишто го сочинуваат парламентарното мнозинство (ДУИ, Алијанса за Албанците и со Движењето БЕСА).
По одржаните средби, СДСМ и БЕСА соопштија дека не постигнале договор со кој БЕСА би била дел од новата Влада. Лидерот на БЕСА, Касами, рече дека мандатарот Заев не бил подготвен да го потпише договорот, за како што вели, заедничко владеење, и да ги прифати нивните принципи.