Ivana Ramadanova
28 Март 2016•Ажурирано: 29 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) покрена нова истражна постапка под името „Тортура“ а кој се однесува на лидерот на Обединети за Македонија, и екс министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Специјалното јавно обвинителство велат дека е покрената истрага против седум лица поради основано сомнение дека сториле кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 став 1 од Кривичниот Законик.
"Oд прибраниот доказен материјал произлезе основано сомнение дека на ден 06.06.2011 година, понеделник, поточно еден ден по завршување на парламентарните избори првоосомничениот како службено лице - директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице-оштетениот Љубе Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање" истакна Фетаи.
Според обвинителката Фетаи, моќта, и на функцијата, и воопшто општата претстава за личноста на Директорот на УБК произвела беспоговорно постапување на полициските службеници и сервилна покорност на неговите наредби, вклучително и на оние наредби како оваа, со која директно се напаѓа човековото достоинство.
"Истиот ден во времето на лишување од слобода од 14.30 до 16:00 часот на паркингот пред ресторан „Воденица“ на ул. „Иво Лола Рибар“ бб во Скопје, без да постои било каков отпор од страна на Љубе Бошковски, употребиле сила и закана и спротивно на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба", одаде Фетаи.
Според сево ова, како што рече Фетаи, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошковски му било предизвикано душевно страдање, директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа. Впрочем, и вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент, прибавено во предметот го потврдува сево ова.

Против сите седум лица, кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје ќе биде поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент истата е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева претходно објави дека оваа недела СЈО ги презема и предметите за Маѓар Телеком, случајот на поранешниот прв разузнавач Зоран Верушевски за и неговиот син Горан Верушевски. Според Јанева, предметите се во согласност со Законот за СЈО и содржината на овие предмети се однесуваат на надлежноста на СЈО за недозволено следење комуникации.