Ekipa
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ВАШИНГТОН/АНКАРА (АА) - Откако Русија соопшти дека ќе ја заштити Сирија против ракетните напади, американскиот претседател, Доналд Трамп, на Твитер (Twitter) објави твит во врска со операција во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Русија истакна дека ќе ги собори сите проектили лансирани кон Сирија. Тогаш, Русијо биди подготвена, бидејќи доаѓаат проектилите, добри, нови и 'паметни'. Не треба да бидете партнери со едно животно кое убива со гас, кој го убива својот народ и ужива во тоа“, напиша Трамп на Твитер.
Асадовиот режим на 7 април изврши напад со хемиско оружје во подрачјето на Дума, во Источна Гута, Сирија, при што загинаа 78 цивили.
САД поднесоа нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН која предвидува воспоставување механизам на ОН за истрага и утврдување на одговорноста за овој напад, но Русија стави вето на тоа.
„САД ќе одговорат на хемискиот напад во Сирија, без разлика дали Советот за безбедност на ОН ќе преземе акција или не“, истакна постојаната претставничка на САД во ОН, Ники Хејли.
Американскиот претседател претходно нагласи дека сите опции против Асадовиот режим се поставени на маса, вклучувајќи ја и воената опција. Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин, ќе плати ако има дел во одговорноста за нападот.