Merve Özlem Çakır
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
АНКАРА (АА) - Во врска со дипломатската криза со Холандија, турскиот вицепремиер Нуретин Џаникли денес изјави дека би можеле да бидат преземени нови мерки и чекори против Холандија, во зависност од ставот на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Џаникли беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците од сите делови на светот, и се осврна на актуелните случувања.
„Со оглед на тоа што Европа ја предводи кампањата за „не“ на претстојниот референдум во Турција, сметам дека треба да ја прашаме зошто тогаш моменталниот систем во Турција е добар. Значи, ако овој систем е толку добар, зошто не се користи во Германија, Белгија, Австрија и во Холандија? Немаат ваков систем во своите земји, таму владее еден човек и таму го заговараат владеењето на еден човек“, порача Џаникли.
Кога е во прашање дипломатската криза со Холандија, Џаникли изјави:
„Во наредниот период, во зависност од ставот, пристапот и политичката положба на Холандија, постои можност да преземеме нови мерки и чекори. Моментално ја следиме состојбата“.
Холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и министерката за семејна и социјална политика на Турција, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија, како и да се состанат со турската заедница во Холандија. Во придружба на полицијата, Каја беше вратена во Германија, од каде што вчера допатува во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција претходно го осуди спречувањето на посетата и побара амбасадорот на Холандија, кој моментално е на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Владата на Турција вчера ги прекина односите со Холандија на високо ниво.