Ekipa
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турција очекува Соединетите Американски Држави (САД) што поскоро да го екстрадираат лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, порача денес во Анкара, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
„Веруваме дека САД нема да продолжат со некои претходни грешки. Имаме две приоритетни очекувања. Прво, на нашата земја да ѝ го испорачаат лидерот на терористичката организација ФЕТО и останатите раководители на таа терористичка организација што е можно поскоро. Второ, да ја прекинат соработката со ЈПГ, огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија“, рече Чавушоглу во обраќањето на 9. амбасадорска конференција во Анкара.
Чавушоглу изрази надеж дека новата американска администрација нема да продолжи со грешките на претходната.
Истакнувајќи дека двете приоритетни очекувања на Турција во голема мера ќе ги одредат идните односи на земјата со САД, Чавушоглу изјави дека „Турција и САД може на многу голем простор, како стратешки партнери, да создадат позитивни ефекти и веруваме дека таа соработка мора да се негува со големо внимание“.
Шефот на турската дипломатија додаде дека случувањата во соседен Ирак директно влијаат на мирот и благосостојбата во Турција.
„Сакаме сеопфатен и траен мир и стабилност на Ирак. Не сакаме таа земја да стане гнездо на терористичките организации ДЕАШ и ПКК. Уште еднаш морам да истакнам дека нема да бидеме набљудувачи на активностите на ПКК, по примерот на Кандил во Ирак да формираат уште едно слично подрачје за криење на терористите“, порача Чавушоглу.