Nazlı Yüzbaşıoğlu
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара изјави дека неговата земја од 83 земји бара испорачување на најмалку 452 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денес во турскиот Парламент зборуваше за време на претставувањето на планот на буџетот на Министерството за 2019 година, а во таа прилика, меѓу останатото, зборуваше и за борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Турција од 83 земји бара испорачување на најмалку 452 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека врз основа на билатералните договори со 21 земја, досега на Турција ѝ се испорачани 104 припадници на ФЕТО.
„Работата на образовните институции поврзани со ФЕТО е запрена во 21 земја, а турската Фондација „Маариф“ презеде контрола врз споменатите училишта во најмалку 16 земји“, истакна Чавушоглу.
Министерот зборуваше и за бегалците кои престојуваат на подрачјето на неговата земја. Според неговите зборови, процесот на враќање на бегалците се спроведува успешно.
„На територијата исчистена од терористите во рамките на офанзивите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, досега од нашата земја во своите домови се вратија повеќе од 260.000 бегалци“, изјави Чавушоглу.