Mehmet Tosun
18 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Абдулхамит Ѓул, изјави дека Турција води внимателна и успешна истрага за исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, и тоа со почитување на националното и меѓународното право, како и на меѓународните договори, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на уредничкиот деск во седиштето на АА во Анкара, турскиот министер за правда ги коментираше актуелните теми во Турција и регионот.
Потсетувајќи дека саудискиот новинар Кашоги исчезнал на 2 октомври, откако влегол во комлексот на саудискиот Конзулат во Истанбул, Ѓул појасни дека ресорните турски институции во истрагата за овој случај мораат да дејствуваат во согласност со меѓународното право и договори.
„Истрагата ја води Државното обвинителство кое треба да ги исполни очекувањата на домашната и странската јавност да се расветли целиот тој случај. Истражните органи навремено и во согласност со прописите ќе ги објават резултатите од истрагата“, изјави Ѓул.
Тој исто така нагласи дека Турција и на политичкиот фронт од почетокот води транспарентен процес и јасно ја покажува волјата и одлучноста да се тргне тајниот превез од тој случај. Тој додаде и дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во повеќе наврати изјавил дека исчезнувањето на новинарот Кашоги мора соодветно да се истражи.
„Надлежните органи на Турција истрагата ја покренаа веднаш по сознанието за исчезнувањето на новинарот. За влез во комплексот на Конзулатот и резиденцијата на конзулот се чекаше согласност на Саудиска Арабија, бидејќи така налага Виенската конвенција за конзуларни односи“, изјави Ѓул, и додаде дека сите посакуваат што поскоро завршување на истрагата и расветлување на случајот.
На прашањето да ја коментира борбата против тероризмот во Турција, ресорниот министер на оваа земја, Ѓул, изјави дека Турција води активна и одлучна борба против сите терористички организации.
„Моментално во затворите се наоѓаат 32.000 уапсени и осудени припадници на терористичката организација ФЕТО и 10.000 од терористичката организација ПКК“, изјави Ѓул, и додаде дека во турските затвори во моментот се наоѓаат и 1.161 уапсен и осуден припадник на терористичката организација ДЕАШ.
Ѓул ја коментираше и неодамнешната пресуда за американскиот свештеник Ендрју Брансон, осуден поради соработка со терористичките групи во Турција.
„Турското судство пресудата не ја донесе под какви било притисоци, ниту наредби“, изјави Ѓул, и додаде дека Брансон е осуден на повеќе од три години затвор, а не дека е ослободен, како што известуваа некои медиуми.
Тој појасни дека на Брансон му се укинати притворот и мерките за забрана во согласност со процедурата, бидејќи веќе отслужил поголем дел од изречената казна.