Gamze Türkoğlu Oğuz
22 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
ТОКИО (AA) - За земјотресот со јачина од 7,3 степени според Рихтер, кој синоќа ја погоди Јапонија, утврдено е дека се работи за „афтершок“, односно земјотрес предизвикан од потресот од 2011 година. Бранови со височина од еден метар удрија во брегот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека последниот земјотрес од 7,3 степени според Рихтер, е „афтершок“ од земјотресот од 2011 година, кој предизвика нуклеарна катастрофа во Фукушима.
Агенцијата претходно соопшти дека е издадено и предупредување за регионот Фукушима за можно цунами во коешто се нагласува дека бранови со висина од еден метар удрија во брегот. Претходно се предупредуваше дека се очекуваат бранови високи и до три метри.
Во крајбрежниот појас досега се евакуирани илјадници граѓани, а неколку лица се полесно повредени. Соопштението предупредува дека во регионот, во текот на неделата се очекуваат уште слични земјотреси.
Јапонскиот службеник Јосихиде Суга изјави дека овој земјотрес не предизвикал какви било проблеми во централата на Фукушима, чии реактори се затворени по земјотресот од 2011 година.
Епицентарот на земјотресот е забележан на длабочина од околу 10 километри.
Според последните информации, епицентарот бил на 67 километри североисточно од градот Иваки, кој се наоѓа во Фукушима. Префектурата Фукушима се протега северно од јапонскиот главен град Токио, а во неа е сместена и нуклеарната електрана којашто беше уништена од големото цунами по потресот од 2011 година.