Muhammed Boztepe
31 Јануари 2018•Ажурирај: 01 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, изјави дека жртви се цивилите во терористичките ракетни напади кои ПЈД/ПКК ги извршува од Африн на турските градови, а не цивилите во Африн во кој турските сили спроведуваат операција против терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес во Анкара го прими либанскиот колега Саад Харири кој допатува во официјална посета на Турција.
По церемонијата на приемот и состанокот зад затворени врати во палатата Чанкаја, Јилдирим изјави дека тоа било добра можност со либанскиот колега Харири да разговара за сите важни билатерални и регионални теми.
„Турција придава голема важност на безбедноста, целовитоста, политичкото единство и економскиот просперитет на Либан и во тој контекст ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите за унапредување на инфраструктурата во таа земја“, изјави Јилдирим и најави активно учество на Турција на престојните меѓународни конференции кои ќе се одржат во Париз и Рим.
Истакнувајќи дека двете страни се одлучни да ја унапредат билатералната соработка на Турција и Либан, Јилдирим изјави дека со Харири разговарал и за важните регионални прашања со акцент на ситуацијата во Сирија и контроверзната одлука на САД за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.
„Ја искористив можноста премиерот Харири детално да го информирам и за операцијата 'Маслинова гранка', која турските сили со Слободната сириска војска ја спроведуваат со цел неутрализација на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во сириското погранично подрачје на Африн“, изјави Јилдирим.
Нагласувајќи дека терористите се единствена мета на воената операција во Африн, и дека турските сили и силите на сириската опозиција приоритетно преземаат мерки за заштита на цивилите на тоа подрачје, Јилдирим предупреди на кампањата за клевета која протерористичките кругови ја вршат на социјалните мрежи со цел да создадат лажна слика за наводна ситуација на страдање на цивили во акциите на турските сили во Африн.
Тој изјави дека терористите од тој регион секојдневно ги ракетираат турските погранични градови и дека во еден таков напад утринава била убиена 17-годишна девојка.
„Цивилите се мета и страдаат во ракетните терористички напади во Турција, што не претставува ист случај во операцијата на турските сили во Африн“, изјави Јилдирим.
Коментирајќи ги изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за операцијата во Африн, Јилдирим изјави дека за да се разберат целите на турската операција „Маслинова гранка“ доволно е да се погледнат резултатите од претходната слична операција „Штитот на Еуфрат“, во која од терористите на ДЕАШ беше ослободено подрачјето на Азаз и Џарабулус со површина од над 2.000 квадратни километри.
„Турција не се однесува со логика и цели на окупатор. Светот тоа го знае и би требало да го знае. Видливо е тоа и по операцијата 'Штитот на Еуфрат'“, изјави Јилдирим и порача дека Турција нема никакви аспирации на територијата на Сирија, туку исклучително сака да ги неутрализира терористичките закани кон своите граници.
Потсетувајќи на вчера одржаниот Конгрес за сириски национален дијалог одржан во Сочи, Јилдиримнагласи дека во продолжение на мировниот процес во Сирија ќе се зборува за решавање на политичката криза во Сирија.
Либанскиот премиер Харири изрази задоволство за укажаната можност да разговара со турските челници за важните билатерални и регионални теми.
Тој се заблагодари на Турција за неодамнешното испорачување на бараните терористи и изјави дека и тоа е показател на добра билатерална соработка на полето безбедност и одбрана.