ИЗМИР (АА) – Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, во својот говор што го одржа на Универзитетот „9. септември“ во Измир рече дека терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Турција, претставува глобална закана за светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Турција, Јилдирим, во својот говор на отворањето на новата студентска година на Универзитетот „9. септември“ во Измир зборуваше за обидот за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО.
„Членовите на ФЕТО го започнаа државниот удар, но едно заборавија. Го заборавија народот. Моќта на народот ја победи моќта на тенковите“.
Во својот говор, премиерот истакна дека нема да говори за придобивките што образованието ги добило откако АК партијата е на власт, но ќе го спомене фактот дека откако се на власт, во последните 14 години, буџетот во образованието е зголемен десеткратно.
„Во 2003 година, најголем буџет имаше Министерството за одбрана, додека денеска на врвот од листата се наоѓа Министерството за образование. Тоа значи дека инвестирањето во иднината е многу поважно од инвестирањата во топови, тенкови и пушки. Многу е поважно од инвестирањето во камен и земја, бидејќи ќе инвестирате во објекти, згради, фабрики, но сите тие имаат век, 50 или 100 години. Но инвестирањето во образованието ќе продолжи од генерација на генерација. Без образование нема ништо. Каде што има кавги, немири, терор, во изворот на безредијата има недостаток на образование. Во такви случаи, луѓето се жртви на злонамерните. Тоа стои зад подлиот обид од 15 јули, на терористичката организација ФЕТО којашто е глобална закана за светот“.
Јилдирим во својот говор истакна дека ФЕТО е организација што си игра со чувствата на народот, искористувајќи ја нивната посветеност кон светите заложби, и додаде дека оваа терористичка организација ќе претставува проблем за целото човештво.
„Тоа трае со години. Таа не се појави наеднаш. Но како дојде до овој степен? Тоа се случи бидејќи таа ги искористи нашите заеднички вредности. Со зборовите ‘Ние им помагаме на сите, собираме за сиромашните, во Африка им помагаме на оние на кои помошта им е потребна, тоа го правиме и во државата’ успеа да го измами народот и да ја искористи неговата слабост кон давањето помош… За жал, на крајот се увиде дена тоа не била нивната цел. Тие посакуваа без капка пот, без поддршка од народот, со народното оружје, авиони и тенкови, да ги нападне децата на истиот тој народ и да ја преземе власта“, рече Јилдирим.
- „Тие никаквеци немаат ум ни колку 11-годишно момче“ -
Премиерот Јилдирим пред студентите на Универзитетот во Измир рече: „Мојот 11-годишен внук ме запраша: ‘Дедо, зарем овие војници не се наши војници, зошто го убиваат народот?’ За жал, тие никаквеци од терористичката организација кои облекле воени униформи, немаат ум ни колку 11-годишно момче“.
Јилдирим истакна дека сето она што било набавено за да се користи против непријателските закани – пушките, тенковите и авионите, од страна на ФЕТО било користено против сопствениот народ.
„На 15 јули, народот го остави настрана сето она што му беше во срцето, душата, мислата, идејата и политиката, го зема знамето на Турција и излезе на улиците и плоштадите, бидејќи стануваше збор за државата, а не за политиката. Кога е во прашање државата, сѐ останато е споредно. Уште еднаш овој голем народ, турскиот народ покажа колку е благороден, колку е посветен кон демократијата и ги потврди зборовите на Ататурк: ‘Демократијата е мојот карактер’, и им одржа незаборавна лекција на тие ништожници“, рече премиерот на Турција, Јилдирим.
- Сѐ помалку млади луѓе се придружуваат кон ПКК -
Истакнувајќи дека борбата против терористичките организации ќе продолжи без прекин, Јилдирим во својот говор рече: „Знаете дека од 1980 година водиме борба против сепаратистичката терористичка организација. Тие се кренаа со оружје во рацете, излегоа на виделина и започнаа да делуваат против Турција, но организацијата на ФЕТО подмолно работеше, се прикриваше 40 години, и еден ден неочекувано се појави. Ќе ја продолжиме нашата борба против сепаратистичките терористички организации и против сите останати зла, но знаеме дека тоа не се нивни идеи, тоа се идеи на некои други. Идеологот на сето тоа излегува пред нас. Како во куклените театри со сенки, си играат со нив од зад сцената. Сепаратистичката терористичка организација и терористичката организација ФЕТО се состанаа пред 15 јули, го испланираа државниот удар и ги поделија улогите. Воопшто не се посомневаа дека обидот за државен удар ќе биде неуспешен. Сметаа дека тврдината е освоена однатре, но домашната сметка не одговара со онаа на пазарот“.
Tурскиот премиер, Бинали Јилдирим изјави дека бројот на младите тинејџери што ѝ се придружуваат на терористичката организација ПКК, во 2016 година се намалил во однос на преходната година.
Тој рече дека во 2014 година, над 4.500 млади лица се приклучиле во терористичката организација ПКК, но оваа година придобиле само околу 400 млади луѓе.
„Тоа е поради тоа што нашите тинејџери не ја гледаат својата иднина во планините, со ПКК, туку во развиената и целосно автономна Турција“, изјави тој.
ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и во ЕУ, ја продолжи својата 30-годишна оружена кампања против Турција во јули 2015 година.
Оттогаш, повеќе од 700 припадници на безбедносните сили загинаа, како и многу цивили, вклучувајќи жени и деца, додека, неутрализирани се околу 8.000 терористи на ПКК.