Bahattin Gönültaş
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската технолошка компанија „Сименс“ (Siemens), соопшти дека ќе инвестира 600 милиони евра, со цел да го претвори германскиот главен град Берлин во еден технолошки и индустриски центар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на „Сименс“, на површина од 70 хектари, каде што се наоѓаат старите фабрики на оваа компанија во берлинското подрачје Спандау, ќе се изгради „Siemensstadt 2.0“ (градот на Сименс), во кој ќе се реализираат технолошки истражувања, обуки и практики, и во кој ќе има квартови за живеење.
Во соопштението се вели дека оваа инвестиција ќе биде со вредност од 600 милиони евра, и дека ќе биде најголемата инвестиција во историјата на „Сименс“, спроведена во Берлин.
Со овој проект, кој се очекува да заврши во 2030 година, се има за цел Берлин да се претвори во центар на иновација и наука.
Во ова место ќе се реализираат истражувања, практики и обуки во различни области, како менаџирање на полето на енергетиката, технологија на електрични возила, „Индустрија 4.0“, машинско учење, „Интернет на нештата“ (Internet of Things IoT), вештачка интелигенција, анализа на податоци и истражувања за „блокчејн“ технологијата.
Според соопштението, извршниот директор на „Сименс“, Џо Кезер, истакна дека идејата зад основањето на „Siemensstadt“ во 1897 година била да се комбинира просторот за работа, истражувањето и живеењето, со цел култивирање на една поуспешна иднина.
„Исто така, денес ние треба повторно да мислиме за иднината на работата. Мегатрендовите како индустријализацијата и урбанизацијата, ќе предизвикуваат основни промени. Нашите деловни места, зградите во кои се образоваме и живееме, ќе бидат повеќе интегрирани. Зголемувањето на поврзаноста меѓу луѓето и нештата ќе создаде нов екосистем“, рече тој.
„Сименс“ во Берлин има 11.400 вработени.