АНКАРА (АА) - Дваесет и четиригодишен турски претприемач разви апликација за лицата со посебни потреби базирана врз игрици наречена „Отсимо“ (Otsimo).
Во разговорот со Аnadolu Аgency (AA), Зафер Елџик ја сподели својата инспиративна приказна пред Светскиот ден на свесноста за аутизмот, кој на меѓународно ниво се одбележува на 2 април, по неговото усвојување од страна на ООН во 2007 година.
„Отсимо е едукативна апликација за лицата со посебни потреби, особено за децата со аутизам и Даунов синдром“, истакна Елџик, додавајќи дека таа нуди едукација во раното детство од дома преку таблет или паметен телефон.
Апликацијата развиена од Елџик и неговиот колега Серџан Демирменџи, има над 100.000 корисници во над 168 земји. На месечно ниво апликацијата активно ја користат повеќе од 30.000 луѓе.
Елџик рече дека тие се фокусирани на децата од три до седум години за да може полесно да се подготват за посетување на училиштата.
„Нашата главна мотивација е демократизирање на специјалното образование за деца со посебни потреби“, рече Елџик, на чиј брат Алпер на 3-годишна возраст му бил дијагностициран аутизам.
„Тоа беше многу тежок пат за нас, бидејќи требаше да откриеме начин како би можеле да го учиме Алпер, и да најдеме соодветни училишта за него“, рече тој, нагласувајќи дека приватните училишта и терапијата се товар за многу семејства.
Но, тогаш се случило нешто што променило сè.
„Увидов дека мојот брат разви посебен интерес за мојот паметен телефон“, рече Елџик, истакнувајќи дека Алпер играл на неговиот телефон повеќе од 50 минути, што го изненадило, бидејќи Алпер обично не можел да се фокусира на нешто повеќе од пет минути.
Проблемот бил во тоа што немало соодветни апликации за Алпер, па Елџик и Демирменџи одлучиле да пронајдат решение.
„Заедно со Џан, создадовме неколку едноставни игри за мојот брат, за да ги научи боите“, рече Елџик, додавајќи дека неговиот брат преку играта многу брзо ги научил боите.
По добивањето позитивна реакција од наставниците на Алпер, Елџик и неговите колеги развиле две апликации: една за специјална едукација, а другата за говорна терапија.
„Апликацијата за специјална едукација нуди над 80 игри кои се фокусираат на различни вештини и на различни области од образованието“, рече Елџик, додека апликацијата за говорна терапија нуди над 100 видеа, особено за деца со аутизам без вербална комуникација.
„Google Play Store и App Store на Apple ја претставија нашата апликација [Otsimo] како најдобра апликација за аутизам во светот“, рече Елџик.
Тој нагласи дека „Отсимо“ има добиено над 10 награди од сите делови на светот.
„Ја добивме наградата „Global Social Venture Competition“. Ние бевме првиот тим од Турција што ја има добиено оваа награда“, рече Елџик, додавајќи дека ESCA - водечка организација за претприемачи - му ја доделила наградата поради неговото влијание во општеството.
Елџик нагласи и дека е најмлад соработник на ASHOKA - глобална организација која идентификува и инвестира во водечки претприемачи - во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка.
„Отсимо“ е и технолошки партнер на апликацијата „Icimdeki Hazine“ или апликацијата „Treasure Within Me“, која беше направена во соработка со турското Министерство за образование и „Turkcell“, водечки турски мобилен оператор.
„Ние сме технолошки партнер на „Icimdeki Hazine“, ние сме на софтверската страна. Обезбедуваме софтверска платформа и развиваме нови игрици“, рече Елџик, истакнувајќи дека планира во иднина да создаде игри за деца со дислексија и за децата бегалци.
Во моментов, апликацијата „Отсимо“ е застапена само на англиски и на турски јазик. Но, Елџик нагласи дека планира да создаде шпанска верзија на апликацијата за Латинска Америка, и германска и француска верзија за Европа.
Аутизмот е нарушување во развојот на мозокот, кое се карактеризира со ослабена социјална интеракција и комуникација. Овие знаци започнуваат пред детето да наполни три години.
Според проценките на Турската платформа за аутизам, формирана од невладини организации основани од родители на деца со аутизам, во Турција има околу 550.000 лица со аутизам, од кои 150.000 се под 14-годишна возраст.