Berk Kutay Gökmen
09 Април 2025•Ажурирај: 09 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Истражувачки тим од Јапонија, предводен од Универзитетот „Тохоку“, откри дека бебињата зачнати во зимските месеци имаат помали шанси да се соочат со прекумерна телесна тежина како возрасни, што укажува на можна врска меѓу сезоната на зачнување и долгорочниот метаболизам, јавува Анадолу.
Наодите, објавени вчера во онлајн изданието на списанието „Nature Medicine“ може да понудат нови насоки за превенција од болести поврзани со начинот на живот, како што се дебелината и дијабетесот тип 2, пренесе јапонската агенција „Џиџи прес“.
Истражувачите се фокусирале на кафеавото масно ткиво, познато и како кафеава маст, кое има клучна улога во трошење енергија и регулирање на телесната температура. За разлика од белата маст која складира енергија, кафеавата маст се активира како одговор на студ, предизвикувајќи телото да согорува складирана маст за одржување на топлина.
Во истражувањето биле вклучени 356 здрави мажи на возраст од 18 до 29 години, кои биле групирани според сезоната во која биле зачнати. Тимот открил значајна поврзаност меѓу зачнувањето во зима и повисоката активност на кафеавото масно ткиво подоцна во животот – што потенцијално може да помогне во намалување на ризикот од дебелеење.