Beril Çanakcı
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Светската заедница од доменот на вселената денес се собира во турскиот медитерански град Анталија на 77-от Меѓународен астронаутички конгрес, обединувајќи ги раководителите на вселенските агенции, астронаутите, научниците, инженерите, челниците од оваа индустријата и креаторите на политики за да разговараат за иднината на вселената, јавува Анадолу.
Петдневниот конгрес, кој ќе трае до 9 октомври во Конгресниот и изложбен центар „НЕСТ“ во Белек, за првпат се одржува во Турција.
Темата за оваа година е „На светот му треба повеќе вселена“.
Се очекува на настанот, кој секоја година го организира Меѓународната астронаутичка федерација (IAF), да присуствуваат повеќе од 10.000 учесници од над 100 земји.
Често опишуван како најголем светски годишен собир посветен на вселената, конгресот комбинира научни и технички сесии со изложби, деловни состаноци и дискусии на високо ниво. Овогодишната програма ќе опфати теми кои се движат од истражување на Месечината, сателити и вештачка интелигенција, до вселенска безбедност, одржливост и меѓународна соработка.
Настанот привлече рекорден број од 8.330 истражувачки апстракти од 108 земји, а предвидени се повеќе од 4.000 презентации во рамките на над 180 технички сесии.
Турција е домаќин на конгресот под координација на Министерството за индустрија и технологија, при што Турската вселенска агенција е домаќин, а САХА – турскиот кластер за одбранбена и воздухопловна индустрија – е кодомаќин. Анадолу е глобален партнер за комуникации на настанот.
Настанот се одржува откако Турција на 31 август во седиштето на НАСА во Вашингтон ги потпиша договорите „Артемида“, станувајќи 71-ва земја потписничка на меѓународната рамка што ги утврдува принципите за мировно, транспарентно и одржливо истражување на Месечината, Марс и пошироко.