Mücahithan Avcıoğlu
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Меѓународниот саем за одбрана и авиокосмичка индустрија САХА 2026 во Турција денес ги отвори своите врати за посетителите во Експо центарот во Истанбул. На настанот учествуваат 1.700 компании, од кои 263 се меѓународни, а присуствуваат над 30.000 професионалци од индустријата од повеќе од 120 земји, јавува Анадолу.
Организиран е од САХА Истанбул, најголемата групација за одбранбена, авиокосмичка и вселенска индустрија во Турција и Европа, а глобален комуникациски партнер на настанот е Агенција Анадолу.
Саемот е отворен за посетителите во Експо центарот во Истанбул сè до 9 мај.
САХА 2026 се одржува на вкупна површина од 400.000 квадратни метри (затворен и отворен простор), од кои 20.000 квадрати се наменети за изложби на отворено. Ова го прави едно од најголемите изданија на овој настан досега.
На настанот присуствуваат над 1.700 компании, од кои 263 меѓународни, како и 30.000 професионалци во индустријата од повеќе од 120 земји.
Во рамките на САХА 2026 ќе бидат претставени вкупно 203 нови производи, а предвидено е одржување на 164 церемонии за потпишување договори. Целта на овој настан е да ја зголеми вкупната вредност на извозните договори од 6,2 милијарди долари (колку што изнесуваа во 2024 година) на најмалку 8 милијарди долари оваа година.
Учеството на земјите од Европа, САД и Канада е особено истакнато, додека на настанот се собрани бројни компании, претставници, официјални и трговски делегации, како и посетители од вкупно четири континенти.
На САХА 2026 за првпат пред светскиот екосистем ќе бидат претставени неколку високотехнолошки производи кои целосно ги менуваат правилата на игра. Како дел од саемот, во марината Атакој се изложени и домашно развиени автономни пловни објекти.
- Турските одбранбени компании ќе промовираат нови технологии -
На саемот САХА 2026 за првпат ќе биде претставен широк спектар технологии.
Турскиот гигант за беспилотни летала „Бајкар” ќе го претстави МИЗРАК – паметен камиказа-дрон, развиен со сопствени национални ресурси. Овој систем го привлекува вниманието со својот дострел од преку 1.000 километри и напредните автономни способности поддржани од вештачка интелигенција.
На саемот САХА 2026 за првпат ќе бидат изложени и камиказа-дроновите „K2” и „Сиврисинек” на „Бајкар”.
Уште еден турски гигант во полето на одбранбената технологија, „Aселсан”, на саемот ќе претстави пет нови производи и шест надградени верзии на постојните системи, спојувајќи ги идните национални технологии со глобалниот одбранбен екосистем.
Платформата „АЛКА-КАПЛАН ХИБРИД“, систем со насочена енергија развиен преку соработка помеѓу компаниите „Рокетсан” и „ФНСС”, во јавноста познат како „ласерско оружје“ овој пат со дополнителни способности, ќе биде претставен на САХА 2026.
На саемот ќе бидат претставени најновите и најнапредни технолошки производи на турскиот гигант „Рокетсан”, додека компанијата „СТМ” за првпат ќе ги изложи своите воздушни и поморски системи развиени специјално за потребите на модерното боиште.
На саемот присуствуваат повеќе од 140 официјални делегации, над 800 членови на овие делегации и повеќе од 200 претставници на трговски делегации за набавки.
Саемот САХА 2026 ќе биде отворен за пошироката јавност на 9 мај, како дел од најавениот отворен ден за посетители.