Zehra Ulucak
17 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Научниците открија 124 гени кои имаат значајна улога во одредувањето на бојата на косата кај луѓето, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според текстот објавен во списанието „Science Daily“, научниците анализирале ДНК податоци на повеќе од 300.000 луѓе по потекло од Европа.
Информациите се добиени од неколку организации, меѓу кои и од британските „Биобанк“, „23andMe“ и други.
Со претходните истражувања утврдено е дека помалку од 100 гена влијаат врз пигментацијата на косата.
Тим Спектор од Универзитетот „Кингс Колеџ“ во Лондон, изјави дека последната студија ќе има големо значење за медицината и биологијата.
„Досега најголемата генетичка студија за пигментација, ќе придонесе за подобро сфаќање на болеста како што е меланомот, агресивниот облик на ракот на кожата“, рече Спектор.
Истражувањето е објавено во научното списание „Nature Genetics“.