Meiramgul Kussainova
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
НУР СУЛТАН
Во Казахстан започнаа истражувања за развој на нуклеарна енергија во земјата, која е водечки светски производител на суров ураниум, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јаслан Касенов, шефот на Одделот за нуклеарна енергија и индустрија на Министерството за енергетика на Казахстан, рече дека се преземени неопходните чекори за развој на нуклеарната енергија во земјата.
„Казахстан спроведува истражување за развојот на нуклеарната енергија, земајќи ги предвид природните и климатските услови и нивното влијание врз животната средина“, рече Касенов.
Тој посочи дека шест светски компании, добавувачи на реактори, продолжуваат активно да работат на тестирање на нивните технологии во оваа област.
Додаде дека тестовите се вршат во согласност со безбедносните критериуми, референциите на реакторот, капацитетот и трошоците на нуклеарните централи.
Тој потсети и дека Казахстан е на прво место во светот по производство на суров ураниум.
„Ги имаме сите можности да ја развиеме нуклеарната енергија во земјата. Покрај сопственото производство на нуклеарно гориво, имаме пристап и до услугите за збогатување на изотопи на ураниум“, рече Касенов.
Нагласувајќи дека има енергетска криза во светот и регионот, Касенов рече дека нуклеарните централи во моментов работат во 31 земја.