Ekipa
19 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Досега непознат вид диносаурус е откриен во северна Аргентина, тврдат истражувачите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Фосилизираните остатоци припаѓаат на видот наречен Guemesia Ochoai и се пронајдени во Лос Бланкитос, геолошка формација во близина на Амблаја во провинцијата Салта.
Истражувачите од Природонаучниот музеј во Лондон велат дека новооткриениот вид би можел да биде близок сродник на групата диносауруси без раце, што датираат од пред околу 70 милиони години.
Откривањето на речиси целосен череп сугерира нови докази за екосистем од периодот на доцната креда.
Откривањето на диносаурусот Guemesia Ochoai се случи во северна Аргентина, каде што има неколку видови такви фосили.
Истражувачите веруваат дека можеби бил дел од групата цератосауриски тероподни диносауруси Abelisauridae - семејство месојадни диносауруси со мали предни екстремитети, слични на Т-рекс.
Abelisauridae обично ја користеле својата моќна глава и вилица за фаќање на пленот и биле долги од 16 до 30 стапки.
Видот се развил за време на периодот креда и талкал низ Патагонија и други подрачја на древниот јужен суперконтинент Гондвана – копнена маса што на крајот се поделила на Африка, Јужна Америка, Австралија, Антарктикот, Индискиот Потконтинент и Арапскиот Полуостров.
Професорот Анџали Госвами, раководител на истражувањето на Музејот и коавтор, рече дека новиот диносаурус е прилично необичен, истакнувајќи дека „има неколку клучни карактеристики кои сугерираат дека станува збор за нов вид, што дава важни нови информации за подрачјето на светот за кое ние не знаеме многу“.
„Ова покажува дека диносаурусите што живееле во овој регион биле прилично различни од оние во другите делови на Аргентина, што ја поддржува идејата за одделни провинции во креда на Јужна Америка. Тоа, исто така, ни покажува дека има многу повеќе за откривање во тие подрачја што привлекуваат помало внимание од некои попознати фосилни наоѓалишта“, рече Госвами.
Фосилите Abelisauridae претходно се лоцирани во Африка, Јужна Америка, Индија, Европа и Аргентина, каде до денес се опишани 35 видови.
Повеќето аргентински фосили се откриени на југот, но неколку се лоцирани во северозападна Аргентина.