Amina Zorniç
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
ПЕКИНГ (АА) - На источниот дел на Кина, се гради реплика на Титаник по повеќе од еден век, кога најпознатиот прекуокеански брод на светот потона во Атлантскиот Океан, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Новиот Титаник” долг 269 метри во кинескиот град Даин го гради кинеската компанија „Киксинг енерџи инвестмент“ која тамошната јавност ја критикува дека сака да профитира од, најголемата бродска несреќа, која на 12. април 1912 година однесе речиси 1.500 животи.
Се проценува дека вредноста на проектот ќе изнесува над една милијарда јуани, односно 150 милиони американски долари.
Изградбата на репликата на Титаник е дел од развојот на туризмот во кое делумно финансиски учестуваат и властите на општината Даин.
Планирано е „Новиот Титаник” по завршувањето на изградбата трајно да биде усидрен во реката Киџианг, а ќе служи исклучително како туристичка атракција.
Иако изградбата е започната на почетокот на оваа недела, работата добро напредува и репликата на Титаник изгледа дека ќе биде готова според планираното, кон крајот на 2017 година.
Кинеската државната агенција Синхуа наведува дека планот на инвеститорите е бродот да биде изграден во вистински димензии на Титаник со сите негови делови, вклучувајќи ја и салата, театарот, базенот, собите и другите предмети.
„Откако Титаник потона, никој не ги виде комплетните нацрти на бродот. Многу предмети од Титаник го најдоа патот до колекционерите. Ние поминавме многу години собирајќи фотографии и нацрти за Титаник”, изјави еден од финансиерите Су Шаоџун.
Титаник на 10. април 1912 година тргна на своето прво прекуокеанско патување од пристаништетот Саутхемптон кон Њујорк.
Капетанот Едвард Џон Смит намерно тргнал по пократок курс, посеверно од пропишаното, а со тоа ја занемарил опасноста од сударот со сантата. Само четири дена подоцна Титаник се судра со санта мраз, која го преполови, а два часа подоцна бродот потона.
Од 2.224 патници и членови на екипажот, несреќата во студените води на Атлантикот ја преживеаја 710 лица, додека над 1.500 се удавија.
Остатоците од потонатиот Титаник на дното на Атлантскиот океан 645 километри од Newfoundland ги пронајде морепловецот Роберт Балард во 1985 година.
Во периодот од 1987 година до 2004 година, нуркачките екипи од остатоците извлекоа голем број предмети.
Потонувањето на Титаник пред 104 години се смета за најголем бродолом во модерната историја.