Aysu Biçer
09 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Матичната компанија на Фејсбук, „Мета“, отпушти над 11.000 вработени, намалувајќи го бројот на вработени за 13 отсто, објави извршниот директор Марк Закерберг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам да понесам одговорност за овие одлуки и за тоа како дојдовме до овде“, напиша Закерберг во денешното писмо упатено до вработените.
„Знам дека ова е тешко за сите, и особено ми е жал за оние кои се погодени“, додаде Закерберг.
„Мета“ се приклучи на другите технолошки компании, како што се „Снеп“ и „Твитер“ кои отпуштија вработени поради стравувањата од инфлација и рецесија.
„Ние, исто така преземаме неколку дополнителни чекори за да станеме поефикасна компанија со намалување на трошоците и продолжување на замрзнувањето на вработувањата до првиот квартал“, истакна Закерберг.
За тоа како компанијата дојде до оваа точка, тој наведе дека за време на пандемијата светот брзо се префрлил на интернет, а многумина предвиделе дека тоа ќе продолжи и по завршувањето на пандемијата.
„И јас го направив тоа и донесов одлука значително да ги зголемам нашите инвестиции. За жал, ова не излезе како што очекував. Не само што онлајн трговијата се врати на претходните трендови, туку и макроекономскиот пад, зголемената конкуренција и загубата на рекламите придонесоа нашите приходи да бидат многу помали отколку што очекував. Погрешив и преземам одговорност за тоа“, наведе Закерберг.
По објавувањето, фјучерсите на акциите на „Мета“ пораснаа за над 4,5 отсто. Во последните 12 месеци нивната цена падна за 71,24 отсто.