Dilara Zengin
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
АНТАРКТИК (АА) – ДИЛАРА ЗЕНГИН –
Во рамките на 3. Национална научна експедиција на Антарктикот, на островот Хорсшу е основан камп за научно истражување, каде што ќе се реализираат активности за проектот за основање на турската привремена научна база на Антарктикот, јавува Anadolu Agency (AA).
Активностите на 3. Национална научна експедиција на Антарктикот, кои се одвиваат под покровителство на турското Претседателство, а во координација со Министерството за индустрија и технологија, веќе се при крај.
На Белиот континент турските научници продолжуваат со истражувањата, стигнувајќи до островот Хорсшу.
На островот моментално е летна сезона, а научниците работат на температури од -10 степени. Поради силниот ветер висината на морските бранови достига и до 8 метри, а тоа го отежна патувањето на турските научници.

На островот Хорсшу научниците се соочија и со бура. Брзината на ветровите околу островот поради невремето изнесуваше 126 километри на час. Бурата која траеше околу една недела, ги одложи активностите на турските научници.
- 6-тонските модули пренесени со чамци и хеликоптери -
Откако завршија неповолните временски услови, научниците продолжија со активности за формирање на Турскиот научен истражувачки камп.
Научниците ги пренесоа на копното трите шлепери со тежина од 6 тона со помош на чамци и хеликоптери. По еднонеделната интензивна работа, инсталацијата на модулите заврши.

Во формирањето на истражувачките кампови учествуваше и ја даде својата поддршка светската рекордерка на Турција во слободно нуркање, Шахика Ерџумен.
Како резултат на сите тие активности, во рамките на 3. Национална научна експедиција на Антарктикот, на островот Хорсшу е основан камп за научно истражување, каде што ќе се реализираат активности за проектот за основање на турската привремена научна база на Антарктикот.
Со основањето на турската привремена научна база на Белиот континент, на островот Хорсшу беше истакнато турското знаме.
- Ќе спроведува активности 3 години -
Водичот на експедицијата, доц. д-р. Бурџу Озсој, во изјавата за АА истакна дека е комплетирано формирањето на научно-истражувачкиот камп на островот Хорсшу и дека кампот ќе спроведува активности 3 години, од 2019 до 2021 година.

Таа, истакнувајќи дека во првите две патувања е реализирана физибилити студија, нагласи:
„Научниот камп е од големо значење, тој ќе обезбеди удобност при истражувањата на научниот тим, кој се наоѓа на островот 14.000 километри оддалечен од Турција. Кампот ќе спроведува активности 3 години во летната сезона.“
Озсој, истакнувајќи дека процесот бил многу тежок, рече дека сите научници работеле со голема посветеност и со голем напор.
- Чувствителноста кон животната средина беше во прв план -
Д-р. Бурџу Озсој, раскажувајќи дека на островот Хорсшу се соочиле со голема бура, истакна:
„На Антарктикот не можете да направите никакви временски прогнози, и со тие прогнози што ќе ги направите ќе влезете во еден процес што никогаш не ги исполнува вашите очекувања. Во процесот секогаш започнувате со план А, но по еден период секако ќе мора да направите промена во планот. И покрај тоа, спротивставувајќи се на бурата, се обидовме што е можно побезбедно да стигнеме да островот и да го основаме кампот.“

Таа, наведувајќи дека при основањето на кампот во преден план била чувствителноста кон животната средина, рече дека извештајот за оцена на влијанието врз животната средина претходно бил испратен до Системот на антарктички повелби.
Озсој, исто така, нагласи дека при основањето на кампот не ја оштетиле животната средина и не влијаеле штетно врз живите суштества на островот.