Gökhan Ergöçün
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Новиот турски комуникациски сателит треба да биде лансиран од технолошката компанија „Спејс Икс“
во четврток со ракетата „Фалкон 9“, која ќе полета од источниот брег на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Сателитот - кој треба да биде лансиран од Кејп Канаверал, Флорида, во 20:26 часот во четврток (петок, 04:26 часот по турско време) - ќе се смести во својата орбита во рок од четири месеци и ќе започне со работа во втората половина на 2021 година, според турското Министерство за транспорт и инфраструктура.
Оттаму соопштија дека правата на фреквенцијата и орбитата на Турција ѝ се загарантирани во следните 30 години.
„Изграден од Ербас Дефенс и Спејс со значителен придонес на Турција, турскиот сателит 5А ќе обезбеди телевизиски преносни услуги во Ку-опсег над Турција, Блискиот Исток, Европа и Африка“, се вели на веб-страницата на Спејс Икс.
Сателитот ќе носи 42 транспондери и ќе се лоцира на неискористениот турски орбитален слот на 31 степен Исток.
Адил Караисамилоглу, турскиот министер за транспорт и инфраструктура, минатата година истакна дека новите комуникациски сателити на Турција, меѓу кои и Турксат 5А, 5Б и 6А, ќе ја направат земјата помоќна во вселената.
Лансирањето на сателитот беше планирано да се изведе претходно, но беше одложувано неколкупати.