Mücahit Oktay
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
ЊУЈОРК
Пензионираниот лекар Манфред Штејнер, кој живее во Род Ајленд, САД, докторира на 89-годишна возраст во областа на физиката, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Неколку недели откако дипломирал на Медиционскиот факултет на Универзитетот „Виена“ во 1955 година, Штејнер се преселил во Соединетите Американски Држави и по специјализирањето Хематологија на Универзитетот „Туфтс“ и Биохемија на Технолошкиот институт во Масачусетс станува професор по медицина.
Штејнер, кој има успешна кариера во областа за науката за крвта и крвните болести, беше директор на Одделот за хематологија на Медицинскиот факултет „Браун“, еден од најценетите универзитети во светот, во градот Провиденс во периодот од 1985 до 1994 година.
Откако се пензионирал во 2000 година, Штејнер се насочил кон остварувањето на својот сон и на 70-годишна возраст почнал да посетува магистерски студии по физика на Универзитетот „Браун“.
Штејнер успеа да освои доволно кредити за да се запише на докторска програма во 2007 година. Во својата теза тој истражуваше како електроните во спроводливите метали се однесуваат квантномеханички и како фермионите во нивното однесување можат да се трансформираат во бозони.
- „Најсреќен сум поради тоа што докторирав физика“
Штејнер, кој докторира во областа на физиката, рече дека тоа му било сон уште од млади години.
Тинејџерските години ги поминал во Виена. Решава да стане физичар откако во тие години ги прочитал книгите на Алберт Ајнштајн и Макс Планк. Штејнер истакна дека по Втората светска војна, мајка му и вујко му сакале да студира медицина.
Наведувајќи дека никогаш не се откажал од својот животен сон да стане физичар, Штејнер рече: „Конечно успеав. Најсреќен сум поради тоа што докторирав физика.“
Осврнувајќи се на новата кариера, Штејнер нагласи: „Не барам работа која ќе биде платена, тој дел го поминав.“
Штејнер овој месец ќе го прослави својот 90-ти роденден со својата 93-годишна сопруга Шеила, со која е во брак од 1960 година.