Gökhan Ergöçün
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Новиот турски одбранбен производ познат како „убиец на дронови“, успешно го изврши првиот лет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овој производ, познат како „федаи“, развиен е за неутрализација на борбени дронови и беспилотни летала (УАВ).
Моделот е изложен на Саемот за одбрана и хибридна авијација САХА ЕКСПО, голем настан на турската одбрана, кој започна во средата во Истанбул.

На четиридневната изложба прикажани се турските одбранбени производи, вклучително беспилотни летала, оружје, радарски системи, копнени и поморски возила.
Гурај Али Џанли, шефот на компанијата „Трансваро“, која го произведува „федаи“, рече дека првиот лет е извршен во октомври.
Тој нагласи дека постои голема странска побарувачка за овој производ и дека се подготвуваат да ја удвојат.
„Првите 10 примероци од „убиецот на дронови“, направени од јаглерод, се произведени сериски“, рече Џанли.
Фирмата за производот подготви концепт од пет возила, вклучително едно возило за контролен сервис, второ за радар, термална камера и блокатор и три возила за повеќецевни фрлачи.
Фирмата разви два типа на производи, „федаи 101“ и „федаи 102“, а последниот е произведен на барање на една држава во Југоисточна Азија и може да лета на висина од 5.000 метри.

„„Федаи 102“ е подолг и потежок од „федаи 101“, но има поголем капацитет за летање и експлозивен материјал“, појасни Џанли.
„Всушност, купувачите го гледаат „федаи“ како систем за противвоздушна одбрана на мали височини, а не само како убиец на дронови“, додаде тој.
Исто така, нагласи дека производот е опремен со камера, лидар и термална камера.
„Тоа е 100 проценти јаглерод, карактеристика која е единствена во светот“, додаде Џанли, кој објасни дека антидронот моментално може да се лансира од повеќецевните фрлачи и да работи на верзија на лансирање од рамо која не бара радарски систем за операции на краток домет.
„„Федаи“ наскоро ќе биде еден од најважните извозни производи на турската одбранбена индустрија“, рече Џанли, истакнувајќи дека испораките на „федаи“ се очекуваат на почетокот на следната година, во јануари и февруари.
Џанли нагласи дека фирмата не продава само „федаи“, туку комплетен систем - радари, термални камери, блокатори и други единици.
Неговата фирма исто така воспостави погон за производство на радари во централна Турција кои ќе бидат во функција од јануари.
Во последните години Турција стана ѕвезда во подем во глобалната одбранбена и воздухопловна индустрија.
Турција има неколку компании и брендови како што се „Бајкар“ и ТАИ кои произведуваат летала користејќи главно локални ресурси. Договорите за продажба на беспилотни летала потпишани се и со земји како што е Полска, членка на НАТО.