Erdoğan Çağatay Zontur
22 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
МАРДИН (АА) - Археолозите во југоисточна Турција започнаа ископ за откривање мозаици што ѝ припаѓаат на црква стара 1.600 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изградена во 396 година во мардинското село Ѓокташ, црквата беше откриена на 18 септември 2019 година и областа е прогласена за археолошко наоѓалиште.

Раководителот на ископувањата и директор на музејот во Мардин, Абдулгани Таркан, за АА изјави дека црквата е структурирана врз базилички план со мозаичка основа.
„Основата е украсена со натпис од девет реда напишан на античка сириска азбука (Estrangelo)“, изјави Таркан.

„Мозаиците се украсени и со прикази на животни, геометриски орнаменти и човечки фигури, вклучувајќи и сцени на кои се прикажани луѓе во лов. На човечките фигури исто така е напишано април и јуни“, додаде тој.
Таркан рече дека структурата содржи имиња на духовни фигури, кои придонеле за нејзината изградба.
Во областа на ископувањето, археолозите откриле и литургиски дела или збир на форми кои одредуваат како да се врши јавен религиозен обред, особено во христијанството.
Таркан рече дека областа за ископување ќе биде отворена за јавноста откако ќе завршат реставраторските работи.