Dildar Baykan
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Англиски истражувачи работат на еден проект со кој ќе се овозможи хуманоидни роботи да се користат за социјални услуги, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена од страна на „Би-би-си“, академиците од универзитетите „Мидлсекс“ и „Бредфордшир“ развиле роботи коишто имаат социјална свест и поседуваат способност да се грижат за пациенти. Тие веруваат дека со овој проект ќе се реши проблемот околу грижата на постарите лица.
Меѓународна екипа продолжува да го развива овој проект вреден 2,5 милиони долари за повеќенаменски роботи што ќе се грижат за постарите лица во нивните домови или во домовите за стари лица.
Роботите со кои ќе може да се комуницира преку говор или гестови, ќе можат да го воочат незадоволството или болката кај постарите лица.
Овој социјален робот ќе биде програмиран според луѓето на кои им помага.
Покрај секојдневната помош околу земањето на лекарствата, овие роботи ќе можат да им бидат и пријатели на постарите лица. Се претпоставува дека на тој начин ќе се намали притисокот врз домовите за стари лица и болниците.
Европската Унија (ЕУ) и Владата на Јапонија, кои се покровители на овој проект, очекуваат проектот да заврши во рок од три години.
Професор Ирена Пападопулос, која е експерт на полето за нега, изјави дека покрај намалувањето на притисокот врз болниците и домовите за стари лица, развивањето на овие интелигентни роботи како помошници, давајќи им здравствена заштита, ќе им овозможи самостојно живеење на старите лица и во сопствените домови.