Husamedin Gina
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) и „Халкбанк“ АД Скопје со цел да помогнат во образованието на младите, денес го презентираа нивниот заеднички производ – субвенциониран студентски кредит со 0 отсто камата и со промотивна школарина од 1000 евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа кампања, насловена „Инвестирај во знаењето“, како што посочија од „Халкбанк“ и од Меѓународниот балкански универзитет, е на студентите и нивните семејства да им се понуди уникатна можност да можат да одберат квалитетно и меѓународно образование, со домашни услови за финансирање.
Објаснувајќи ги деталите за студентскиот кредит, Атила Селим, директорот на Дирекцијата за алтернативни канали за дистрибуција и платежни картички, истакна дека со кампањата сакаат да го олеснат школувањето на идните студенти, и идни двигатели на дигитализацијата.
„Квалитетното образование е од исклучително значење за општеството во целина поради што создадовме производ кој може да го олесни студирањето на младите. На сите оние на кои ќе им биде одобрен студентскиот кредит, како дел од кампањата, Меѓународниот балкански универзитет и „Халкбанк“ овозможуваат и дебитна картичка која дава можност за подигнување готовина од сите банкомати во земјата и странство“, нагласи Атила Селим.
Марко Поповски, директорот на Дирекцијата за население на „Халкбанк“, рече дека успесите на банката во делот на работењето со физички лица се должат на тоа дека секогаш навремено ги согледува и одговара на потребите на граѓаните.
„Со нашиот нов производ, субвенциониран кредит за студирање во соработка со Меѓународниот балкански универзитет родителите или членови на семејството на студентот ќе можат да аплицираат за кредит за студирање со тоа што школарината би ја отплатиле на 12 еднакви месечни рати. Каматата за целиот период би била субвенционирана од страна на Универзитетот“, нагласи Поповски.
Како што соопштија од Халкбанк, субвенционираниот студентски кредит се овозможува за студентите кои имаат родител или старател кредитоспособен во рамки на Република Северна Македонија, за плаќање на школарината во ИБУ до 1000 евра годишно, односно максимум 4.000 евра во рок од четири години, додека каматата за овој субвенциониран кредит ја покрива ИБУ.
„Меѓународниот балкански универзитет создава висококвалификуван кадар кој е конкурентен на меѓународните пазари на трудот“, рече Висар Рамадани, генерален секретар на Меѓународниот балкански универзитет.
„Горди сме што во нашето портфолио воведуваме ваков производ и практика на општествено одговорна институција, пред сè поради иднината на нашите студенти. Затоа, универзитетот ќе ги подмири каматите од студентскиот кредит, а семејствата на идните студенти ќе имаат можност безгрижно да го едуцираат своето дете во меѓународна средина“, додаде тој.
Меѓународниот балкански универзитет е најдобар универзитет во Северна Македонија во областа на наставата и учењето, според Шангајската ранг-листа на универзитети, со најнов универзитетски кампус и со најмодерни стандарди на образование, каде што наставата целосно се одвива на англиски јазик.