Furkan Abdula
24 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), во Њујорк оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, на средбата биле разменети мислења за севкупните активности на Северна Македонија во рамки на ОН, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните прашања.
„Во тој контекст, генералниот секретар Гутереш оддаде признание за покажаната солидарност од страна на Република Северна Македонија со вклучувањето во глобалната хуманитарна акција за привремено прифаќање на граѓани од Авганистан“, се вели во соопштението.
Според ова соопштение, на средбата била истакната важноста на Преспанскиот договор, склучен под покровителство на ОН, како пример дека и најкомплексните отворени прашања може да се разрешат доколку за тоа постои политичка волја и силно лидерство.
„Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелната состојба во однос на европската перспектива на државата, вклучувајќи го отвореното прашање со Република Бугарија. Двајцата соговорници констатираа дека деблокадата на евроинтегративниот процес е од интерес за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа во целина“, се додава во соопштението на Претседателскиот кабинет.