Furkan Abdula
24 Септември 2021•Ажурирај: 25 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Република Северна Македонија и Република Филипини воспоставија дипломатски односи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку објава на социјалните мрежи ја потврди министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
„Bo Њујорк, со мојот филипински колега Теодоро Л. Локсин го потпишавме Заедничкото комунике за воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Филипините, со што отворивме ново поглавје во односите меѓу двете земји“, напиша Османи.
Тој нагласи дека ваквиот чекор ги потврдува заложбите за градење пријателски односи и воспоставување партнерства и со географски оддалечени земји и отвора врата за плодна соработка и заемен напредок.
„Чинот на официјализирање на пријателството меѓу двете земји нуди можности за промоција на економските и трговските врски, како и зајакнување на досегашната успешна соработка на мултилатерално ниво“, нагласи тој.
Османи истакна дека Филипините се 181. земја со која Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи.