Michael Gabriel Hernandez
09 Април 2025•Ажурирај: 11 Април 2025
Повеќе од половина од Американците имаат неповолни гледишта за Израел, според неодамна објавената анкета направена откако Израел ја продолжи својата опсежна офанзива во опколениот Појас Газа, јавува Анадолу.
Севкупно, 53 отсто од возрасните Американци изразуваат одредени или многу негативни ставови за Израел, што е нагло зголемување од 42 отсто што ги имаа во март 2022 година, кога последен пат беше поставено ова прашање, покажува истражувањето на Истражувачкиот центар Пју. Освен тоа, вчерашната анкета покажа дека уделот на испитаниците што изразиле многу неповолни ставови за Израел е речиси двојно зголемен на 19 отсто од последниот пат кога беше спроведена анкетата.
Поделбата според партиската ориентираност околу Израел продолжуваат каде што демократите имаат понеповолни ставови за Израел, 69 отсто, во споредба со уделот од 37 отсто на републиканците кои имаат негативни ставови. Но меѓу републиканците, оние помлади од 50 години сега имаат приближно еднаква веројатност да имаат негативен став за Израел како и позитивен, 50 отсто, односно 48 отсто.
Истражувањето е спроведено од 24 до 30 март, околу една недела пред израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Белата куќа. Помалку од еден од тројца (32 отсто) од испитаниците изјавиле дека имаат доверба во израелскиот лидер.
Севкупно, мало мнозинство од 54 отсто рекоа дека војната во Газа е многу или донекаде важна за нив лично, за разлика од 65 отсто што го кажаа тоа во јануари 2024 година. Таа анкета беше направена само неколку месеци откако Израел ја започна својата неселективна кампања врз Газа по нападот врз Израел предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година.
Помалку од половина од испитаниците, односно 46 отсто, сега мислат дека може да се најде мирно решение за израелско-палестинскиот конфликт во кој две држави живеат една до друга.
На прашањето за познатиот предлог на претседателот Доналд Трамп САД да ја преземат Газа, и да ги преместат Палестинците во земјите од регионот, 62 отсто се против планот, од кои 49 отсто силно се противат на предлогот. Само 15 отсто одговориле дека го поддржуваат планот.
Други 38 отсто рекоа дека е малку веројатно дека претседателот ќе ја спроведе политиката.
Во бруталните израелски напади што започнаа во октомври 2023 година во Газа убиени се над 50.800 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.